Хил: Врската на Србија со Русија од ден на ден слабее

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, во интервју за телевизија Н1, синоќа оцени дека Србија веќе се определила за Запад и дека, како што наведе, односот со Русија од ден на ден слабее.

Хил посочи дека е важно Белград конструктивно да пристапи кон планот за европски договор со Приштина и дека тоа на крајот ќе влијае на брзината со која Србија се приближува кон Западот.

„Прашањето за односите на Србија со Русија – можете да видите дека од ден на ден слабее. Се гледа дека има се поголем интерес за соработка со ЕУ и поголем интерес за соработка со нас“, вели Хил.

Хил за Н1 изјави дека ставот на САД е Србија да се приклучи на санкциите против Русија, наведувајќи дека не е точно оти Белград ништо не направил, бидејќи во Обединетите нации ја осудува руската агресија врз Украина.

На прашањето зошто европскиот предлог е таен, тој рече дека нема да го нарече тајна, туку нешто што спаѓа во „традиционалните дипломатски канали“.

„Ако се обидете да се справите со дипломатијата преку медиумите, ќе има многу недоразбирања“, рече тој и додаде дека затоа смета дека за таквите работи треба да се разговара исклучиво на маса.

На прашањето дали српскиот претседател Александар Вучиќ ја „преминал линијата“ доколку ја открие содржината на предлогот на претстојната собраниска седница, тој одговори дека тоа е „хипотетичко прашање“, но дека е потребна голема дискусија во парламентот, пренесува Танјуг.

Сметам дека е соодветно планот да се расправа во парламентот, но оставам на другите да одлучат што треба да се открие, а што не“, рече тој.

Запрашан дали позицијата на Белград во преговорите со Приштина е послаба бидејќи не воведе санкции кон Русија, Хил рече дека тоа се посебни прашања.

Тој изјави дека „конструктивниот пристап“ на Белград кон европскиот план за нормализација на односите со Приштина на крајот ќе влијае на брзината со која Србија се приближува кон Западот.

„Србија веќе одлучи да се сврти кон Западот и за многу Срби е фрустрирачки што процесот за европската интеграција трае толку долго. Се надевам дека резултатот од сето ова ќе биде многу подобро, побрзо темпо кон евроинтеграциите“, рече Хил.

Хил не одговори директно на прашањето дали Вучиќ или косовскиот премиер Албин Курти повеќе соработуваат со Западот.

„Ако мислев дека одговорот на тоа прашање ќе помогне во преговарачкиот процес, би одговорил, но тоа ќе го оставам на вашата фантазија“, рече Хил.

Тој посочи дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е главното прашање за исполнување на Бриселскиот договор.

„Мислам дека има итна потреба сите да се согласат за тоа и да разберат дека штом прифатиш нешто, мора да продолжиш“, рече Хил.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ