Камбоџа го обвини Тајланд за интензивирање на бомбардирањето на спорните погранични подрачја, токму во време кога претставници на двете земји се на состанок со цел преговори за ставање крај на смртоносните судири. Долготрајниот граничен конфликт меѓу соседните држави повторно се разгоре овој месец и го прекина претходното примирје, а според официјалните податоци, загинале повеќе од 40 лица, додека околу еден милион се раселени, пишува „Гардијан“.
Иако камбоџанските и тајландските претставници денеска беа на трет ден од преговорите на граничниот премин, а за утре е закажана средба на министрите за одбрана, Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека тајландската војска утринава извршила силно бомбардирање на спорните подрачја во провинцијата Бантеј Меанчеј.
„Од 6:08 до 7:15 часот наутро, тајландската војска со борбени авиони Ф-16 фрли дури 40 бомби, интензивирајќи го бомбардирањето во подрачјето на селото Чок Чеј“, се наведува во соопштението. Од друга страна, тајландските медиуми објавија дека камбоџанските сили во текот на ноќта извршиле тешки напади долж границата во провинцијата Са Каео, при што со гранатирање биле оштетени неколку домови.
САД, Кина и Малезија посредувале во воспоставување примирје
Двете земји продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за поттикнување нови борби, кои се прошириле на речиси сите провинции долж нивната заедничка граница. Двете страни тврдат дека дејствувале исклучиво во самоодбрана и меѓусебно се обвинуваат за напади врз цивили.
САД, Кина и Малезија посредувале во воспоставување примирје со цел да се стават крај на петдневните смртоносни судири во јули, но прекинот на огнот бил краткотраен. Претходно денеска, камбоџанскиот премиер Хун Манет објави на Фејсбук дека телефонски разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Тема на разговорот биле „начините за обезбедување прекин на огнот долж границата меѓу Камбоџа и Тајланд“. Судирот произлегува од територијален спор околу разграничувањето на нивната околу 800 километри долга граница од колонијалниот период, како и околу низа храмски урнатини кои се наоѓаат во тоа подрачје.
Камбоџа го обвини Тајланд за бомбардирање додека траат мировните преговори
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft