Францускиот новинар Оливие Дубоа, кој беше киднапиран од вооружени групи во Сахел пред речиси две години, денеска е ослободен, соопшти претставник на весникот Либерасион каде што работел.
Дубоа, кој исчезна во Мали во 2021 година, пристигна денеска со авион на аеродромот Ниамеј во соседен Нигер. Изгледаше уморен, но насмеан, пишуваат француските медиуми.
Тој беше првиот француски државјанин што беше земен како заложник од бунтовниците во Мали откако француската хуманитарна работничка Софи Петронин беше ослободена во октомври 2020 година. Таа беше киднапирана во близина на Гао во Мали на крајот на 2016 година.
Десетици бунтовнички борци беа ослободени во 2020 година со договор за размена на затвореници со кој беа ослободени Петронин, висок политичар од Мали и двајца Италијанци.
Дубоа работеше за списанието „Либерасион“ и „Ле Поинт“, двата весника со седиште во Франција.
Тој се појави во видео објавено на почетокот на мај 2022 година, апелирајќи до властите да направат се што можат за да го ослободат од вооружените групи што го држат.
-Многу ни олесна и среќни сме поради овој исход, рече директорот на Либерасион Дов Алфон. (МИА)