Денеска во Специјалниот суд во Белград продолжи судењето на Миљана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето кое уби девет ученици и обезбедувањето во ОУ „Владислав Рибникар“.
Момчето Коста денеска се појави во судот да сведочи против своите родители. Со оглед на тоа дека за време на масакрот имал 13 години, нема да сноси кривична одговорност за своето дело.
Момчето одговараше на прашањата на судот, обвинителството, адвокатите и оштетените. За време на сведочењето, според тамошните медиуми, Коста К. изговорил реченица која ги оставила во неверување родителите на убиените деца.
„Чувствував дека другите деца ме одбиваат и затоа ги убив. Тој 3 мај донесов пиштол за да го направам тоа, но се уште не бев сигурен дека ќе пукам“, рекло момчето и додало дека токму однесувањето на мајка му влијаело на него да го направи тоа.
„Мајка ми постојано бараше да бидам најдобар. Се лутеше и викаше кога не бев најдобар. Бидејќи постојано бараше повеќе од мене, и јас бев лут на неа. Нејзиното однесување влијаеше на мене да го правам тоа што го правев. Да ги немав пиштолите на татко ми, немаше да го сторам ова“, рекол во судот.
Прашањата до убиецот на момчето му ги поставил главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, а ова е првпат шеф на обвинителство во Србија директно да учествува во процесот.
Таткото на Коста, Владимир Кечмановиќ се товари за тешко дело против општата безбедност бидејќи, како што се наведува, го однел својот тогаш 13-годишен син на стрелиште и го научил да пука, а исто така не го заштитил соодветно оружјето што го имал дома, додека пак мајката – Миљана Кецмановиќ е обвинета за недозволено држење, носење и тргување со оружје, со оглед на тоа што нејзината ДНК била пронајдена на една од чаурите во училницата, како и на траката за коса која била врзана за шишето во кој нејзиниот син го направил молотовиот коктел.
Инаку, Коста К. на 3 мај 2023 година уби 10 соученици и лице од обезбедувањето, а ранети беа шест лица.