Ксенофобична изјава на Трамп: Има многу лоши гени кај мигрантите во САД

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека во Соединетите Американски Држави има „многу лоши гени“.

Тој го кажа ова на митинг, додека зборуваше за убиствата наводно извршени од мигранти кои живеат илегално во САД.

„Многу од нив убиле повеќе од едно лице, а сега живеат среќно во САД. Тоа е во нивните гени. И ние во моментов имаме многу лоши гени во нашата земја“, рече тој.

Трамп мислеше на писмото од Службата за имиграција и царина до републиканскиот претставник Тони Гонзалес, објавено минатиот месец, во кое се покажа дека 13.099 лица осудени за убиство се на списокот на Имиграцијата и царината на САД.

Тој список вклучува различни видови имигранти кои влегле во земјата легално и нелегално, а многу луѓе од оваа категорија не се во притвор на имиграциските власти бидејќи се наоѓаат во државни или федерални затвори, пишува Ројтерс.

Во соопштението, кампањата на Трамп ги бранеше коментарите на поранешниот претседател, велејќи дека тој зборува само за убијци, а не за имигранти.

„Претседателот Трамп јасно мислеше на убијци, а не на мигранти. Прилично е одвратно што медиумите секогаш толку брзо ги бранат убијците, силувачите и нелегалните криминалци, ако тоа значи да напишат лош наслов за претседателот Трамп“, рече портпаролката на кампањата на Трамп, Каролин Ливит.

Белата куќа ги осуди изјавите на Трамп, пренесува Танјуг.

„Таков јазик е омразен, одвратен, несоодветен и нема место во нашата земја“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Јан Пјер.

Иако има малку податоци за имиграцискиот статус на криминалците, академските истражувачи тврдат дека имигрантите кои живеат во земјата нелегално не вршат злосторства почесто од Американците родени во САД или натурализираните Американци, пренесува Ројтерс.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ