Мадуро пред судот: „Не сум виновен, јас сум претседател на Венецуела и бев киднапиран“

Николас Мадуро денеска за првпат јавно се обрати пред федерален суд во Соединетите Американски Држави, откако беше екстрадиран од Венецуела, изјавувајќи дека не се чувствува виновен и дека е незаконски одземен од својот дом во Каракас.
Откако му беше побарано да го потврди својот идентитет, Мадуро стана пред судот додека му беше читано резимето од обвинението. Во своето кратко обраќање тој истакна дека сè уште е претседател на Венецуела.
„Не сум виновен. Јас сум чесен човек и сè уште сум претседател на мојата држава. Бев киднапиран од мојот дом во Каракас“, изјави Мадуро, по што повторно седна.
Рочиштето започна во федералниот суд „Даниел Патрик Мојнихан“ на Менхетен. Судскиот процес го води судијата Алвин Хелерстин, кој на почетокот ги поздрави присутните и ја нагласи својата улога во постапката.
„Мојата задача е да обезбедам фер судење“, изјави судијата, по што започна со читање на обвиненијата.
Николас Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, за првпат се појавија пред американски федерален суд за да се изјаснат по сериозните обвиненија за нaрко-тероризам. Според обвинителството, тие се товарат за заговор за нaрко-тероризам, заговор за увоз на кокаин, поседување на автоматско оружје и експлозивни направи, како и за здружување со цел незаконско поседување на такво оружје.
Мадуро во судницата се појави облечен во затворска облека – портокалова маица, сина кошула, беж панталони и портокалови затворски папучи, а на главата носеше слушалки за превод. Неговата сопруга седеше неколку места подалеку, исто така во затворска облека.
Судската постапка продолжува, а случајот предизвикува силно меѓународно внимание поради политичките импликации и тежината на обвиненијата против актуелниот венецуелски лидер.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ