Македонците заслужуваат подобар претседател и премиер од тие што сега ги водат, посочи Силјановска Давкова

Во рамките на кампањата за претседател на Република Македонија, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, проф. др Гордана Силјановска Давкова, на митингот што вечерва се одржа во Неготино се спротивстави на мислата на филозофот Хегел кој смета дека секој народ ја заслужува својата власт.

Според Силјановска, Хегел не е во право затоа што Македонците заслужуваат подобар претседател и премиер од тие што сега ги водат.

,,Оваа држава е далеку од правна држава, државата ни е партиска! Мислам дека вие не ја заслужувате оваа власт, тоа треба да се смени и по овие претседателски избори ветувам дека ќе го сторам она што го очекувате од мене. Секој ден ќе ви докажувам дека мојот легитимитет извира од вас, а не од некој друг, рече таа.

„Во Македонија сега постојат две држави во една, две собранија, два премиери и за тоа вината е и кај шефот на државата. Негова улога е обединува и да помирува, да гради единство меѓу власта и опозоцијата, меѓу мажите и жените, меѓу лицата со попреченост и другите”, изјави кандидатката.

Според неа, сликата за Македонија во светот ја даваат државните претставници и затоа сме држава што не ужива углед во светот.

,,Се плашам кога сегашните државни претставници се среќаваат со странци и се прашувам, што ли ќе кажат, дали ќе стојат на ставот. Одат со еден став, се враќаат со друг став а потоа воопшто немаат никаков став и затоа не заслужуваат почит. Граѓанките и граѓаните на Неготино не заслужуваат ваква власт”, изјави Силјановска Давкова.

Сликата за државата е сликата на претседателот, премиерот, спикерот, амбасадорите, претседателката на врховниот или уставниот суд, додаде таа.

,,Претседателот има директна одговорност за лошата слика за земјата во светот затоа што тој ги потпишува указите за амбасадорите. Претседателот има одговорност за правосудството затоа што таму предлага членови на Судскиот совет. За Уставниот суд каде исто така предлага членови исто така има вина затоа што нашиот највисок суд не е познат како бранител на човекови права и слободи”, порача Гордана Силјановска Давкова од Неготино.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ