Македонија за првпат доби жена претседател – која е Гордана Силјановска

За првпат во Македонија, во претседателската фотелја седнува жена, откако Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ го победи досегашниот претседател, Стево Пендаровски на изборите со разлика од повеќе од 300.000 гласови.

Според последните податоци објавени на веб-страната на ДИК, Силјановска освоила 560.170 гласови (65,41 отсто), наспроти Пендаровски со 251.541 (29,25 отсто).

Таа синоќа за време на победничкото обраќање до јавноста рече од овој момент, ќе се однесува како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите, и вети дека нема да заборави на разноликоста. Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива. Рече и дека нема поголема инспирација од тоа жена да стане претседател и ќе ги штити државните и националните интереси.

Која е Силјановска Давкова

Во кампањата, Силјановска велеше дека придавката „Северна“ нема да ја користи, но ќе стои пред табла со новото уставно име. Воедно, таа имаше изјавено и дека е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но ако Собранието донесе таква одлука, ќе ја почитува бидејќи Собранието е уставотворен орган. Порачуваше дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а Преспанскиот договор за неа е политички и правно отворено прашање.

„Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ“, велеше Давкова.

Честопати говореше за жените, поентирајќи дека и политиката е од женски род, а со претседателка македонските жени ќе станат поуспешни.

Кампањата ја водеше под слоганот „Македонија повторно горда“, кој како што рече е заради хроничната и актутната состојба со македонската демократија којашто не само што е во тешка криза, туку зборува за една слаба држава. Во таквата држава најголеми жртви се граѓаните и кога вели „Македонија повторно горда”, пред сè мисли на граѓаните, повторно горди, говореше Давкова.

Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид. Таа е македонски универзитетски професор, правник, и собраниски пратеник во претходните четири години.

Во нејзината биографија стои дека основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.

Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

И на претседателските избори во 2019 година, таа беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, но ги изгуби од Стево Пендаровски.

На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска е носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1. Од август 2020 година, таа е пратеник во македонското Собрание.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ