Менди Ќура, денес го прими уверението од Општинската изборна комисија и официјално ја презеде функцијата. По кусата средба со досегашниот градоначалник, Ќура најави првични мерки и промени во работењето на општината.
Една од првите негови одлуки, како што рече, ќе биде продажбата на службеното возило „Ауди“, а за службени обврски ќе го користи сопствениот автомобил. Дополнително, најави дека сите административни работници кои не доаѓаат на работа ќе бидат разрешени.
„Денес започнуваме со реализација на ветувањата – од зборови преминуваме на дела. Бројот 133, со кој победив на изборите, ќе биде симбол на промените во Струга. Дури и регистрацијата на мојот автомобил го има истиот број, и тој ќе биде во служба на општината во следните четири години“, изјави Ќура.
Меѓу приоритетите што ги најави се решавање на проблемите со депонијата, загадувањето на воздухот и водоснабдувањето, како и реализација на повеќе инфраструктурни проекти.
„Патот Мороишта–Струга е еден од најзначајните и најкомплексните проекти што веднаш ќе започнеме да го реализираме. Работиме и на подобрување на зелените површини и создавање нови паркинг места. Очекуваме поддршка од Владата за опремување на ЈП ‘Комуналец’ со нови возила и околу 8.000 канти за отпад“, додаде тој.
Новоизбраниот градоначалник најави и целосна ревизија на работењето на Општина Струга и јавните претпријатија под нејзина надлежност.