Мерц во Ерусалим: „Нашата поддршка, нашата воена поддршка за Израел“

Германскиот канцелар Фридрих Мерц им оддаде почит на шесте милиони Евреи кои загинаа за време на нацистичката диктатура во меморијалниот центар Јад Вашем во Ерусалим во неделата, што беше негова прва посета на Израел.
„Ќе го одржиме живо сеќавањето на ужасниот злостор (Холокаустот) што Германците го извршија против еврејскиот народ“, напиша тој во книгата за гости.
„Тука во Јад Вашем, трајната историска одговорност на Германија е опиплива: Германија мора да се залага за постоењето и безбедноста на Израел. Ова е дел од непроменливото јадро на нашите односи и ќе остане така засекогаш.“
По средбата со Фридрих Мерц во Ерусалим, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека германско-израелските односи претрпеле „историска промена“ во однос на одбранбената соработка.
Од своето основање, еврејската држава „успеала да ги одбие нашите непријатели“ и исто така развила капацитет да им помага на другите, рече Нетанјаху, очигледна алудирајќи на купувањето на израелскиот противвоздушен систем „Arrow 3“ од страна на Германија.
„Германија не само што придонесува за одбраната на Израел, туку Израел, еврејската држава, 80 години по Холокаустот, придонесува за одбраната на Германија“, додаде тој.
Германија го продолжи извозот на оружје за Израел во ноември, откако привремено воведе делумно ембарго во август, поради загриженоста за однесувањето на израелската војска во Појасот Газа.
Зборувајќи за ембаргото наметнато од неговата влада, Мерц рече: „И покрај оваа одлука, која беше насочена кон специфична состојба, ништо не се промени ниту порано, ниту оттогаш, кога станува збор за нашата основна позиција за Израел и израелската безбедност, нашата поддршка за Израел и нашата воена поддршка за Израел“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ