Мета: Депопулацијата е национална рана, да ставиме крај на оваа драма, не сакаме празна Албанија

Поранешниот албански претседател и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета, изјави дека „депопулацијата е национална рана” за што како главен виновник го посочи премиерот Еди Рама, кој, според него, прави се за „Албанците, а посебно младите да ја напуштаат земјата”.

– Депопулацијата е голема рана што ја трпи Албанија денес, како резултат на еден премиер кој прави се за Албанците, а особено младите, да бегаат од земјава. Мора да ставиме крај на оваа драма, не сакаме празна Албанија, рече Мета.

Мета, кому петгодишниот претседателски мандат му заврши на 24 јули минатата година, порача дека „Партијата на слободата има национална мисија и голема обврска да стави крај на драмата на депопулација”.

– Сакаме и сме решени да ставиме крај на драмата на депопулација. Ова е национална мисија и голема обврска што ја имаме кон идните генерации. Веќе не сакаме Албанија со празни градови и преполни чамци, туку Албанија во која градовите ќе бидат преполни со народ и добро развиени и каде младите ќе ја градат иднината, посочи тој.

Според неодамнешен извештај на Евростат, од 2014 до крајот на 2022 година 934 илјади албански граѓани заминале во некоја земја членка на ЕУ, што е повеќе од 33 отсто од населението.

Доколку се додадат и оние кои заминале во земји кои не се членки на ЕУ, овој процент достигнува најмалку 35 отсто за период од осум години. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ