Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека на 5 јули се предвидува да започне со работа заедничкиот граничен систем „уан стоп шоп“ со Србија. Како што рече, завршена е последната фаза од ратификацијата, а моментално е во тек тестирањето на системот.
„Договорот што го потпишав со српскиот колега Ивица Дачиќ вчера ја помина и финалната процедура. Очекувам дека на 5 јули системот официјално ќе биде ставен во функција, со што значително ќе се забрза преминот на патници на овој фрекфентен граничен премин,“ изјави Тошковски при посетата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Тој нагласи дека новиот систем овозможува побрз и поефикасен проток на граѓани, со унапредена координација меѓу граничните служби. Ист ваков систем, додаде тој, веќе успешно функционира на границата со Косово.
„Нашите граничари ја обезбедуваат нашата страна, а српските нивната – но во исто време размената на информации се одвива речиси во реално време. Искуството со Косово покажува дека ваквиот модел носи конкретни резултати – гужвите кои беа чести, сега се минато,“ истакна Тошковски.
Министерот додаде дека примената на модерни дигитални алатки во граничниот надзор овозможува значително намалување на времето потребно за проверка, со што се зголемува ефикасноста.
Тошковски најави дека во наредниот период е планирано воведување на истиот систем и со Албанија.
„Работиме заеднички со нашите колеги од Албанија на два гранични премини и се надевам дека до крајот на летото ќе започне тест фазата. Ќе биде потребно усвојување на соодветни правни акти и од македонска и од албанска страна, но нашата цел е да воспоставиме ваков модерен систем и на таа граница. Со тоа ќе ги заокружиме сите наши копнени гранични премини со земјите кои не се дел од ЕУ,“ посочи министерот.