Најмалку една жртва на ураганот Кирк, дел од западна Европа без струја

Остатоците од ураганот Кирк, кој во средата ја погоди Западна Европа, уби најмалку едно лице во јужна Франција, додека повеќе од 67.000 луѓе останаа без електрична енергија, објавија локалните власти, пренесува Ројтерс.

Налетите на ветерот во јужниот француски пристанишен град Сете превртија три чамци, при што едно лице загина, а друго е во критична состојба, се вели во соопштението на префектурата Херо. Повеќе од 67.000 луѓе, главно на југот на Франција, останаа без струја, изјави мрежниот провајдер Енедис за ТВ BFM.

Железничкиот сообраќај утрово беше во прекин на неколку локални линии во пет региони поради поплави и дрвја спуштени на шините од ураганот Кирк. Францускиот весник „Фигаро“ објави дека синоќа имало голема штета во просториите на Националното собрание. Во делот каде што се наоѓаат претставништвата, вода навлегла во дел од просториите, особено во подрумот.

KIRK
Un camión queda a nada de caer por un viaduto abaixo tras envorcar nunha autoestrada do norte de Portugal pic.twitter.com/SZ4zEUJIsP

— G24 (@G24Noticias) October 10, 2024

Очекувајте поплави

Претходно, Ројтерс објави дека во средата, остатоците од ураганот Кирк ја зафати Западна Европа, корнејќи дрвја во Шпанија и Португалија, а во Франција, властите ја предупредија јавноста за висок ризик од поплави во повеќе од 30 области.

Државниот синоптичар Метео Франс предупреди на удари на ветрови од 120 до 150 километри на час во планините Пиринеи и до 90 милиметри дожд во јужниот дел на Пикардија и поширокиот париски регион, каде заситеното тло значи дека постои ризик од поплави.

Агнес Паниер-Рунашер, француската министерка за енергија и зелена транзиција, им рече на новинарите дека луѓето на патот на бурата треба да бидат внимателни, бидејќи се очекува излевање на некои реки.

„Мораме да очекуваме поплави“, рече таа. „Овие епизоди најверојатно ќе се повторат. Климатските промени имаат конкретно влијание врз нашиот секојдневен живот“.

Стотици илјади Португалци без струја

Преминот на Кирк, сега класифициран како бура, накратко остави 400.000 луѓе во северна Португалија без струја рано во средата, според податоците од мрежниот оператор Е-Редес.

Управата за цивилна заштита на Португалија забележала околу 1.600 инциденти од вторникот вечерта, главно откорнати дрвја или паднати гранки кои ги блокирале патиштата.

Крајот на опашката на Кирк ја погоди Европа додека ураганот Милтон, моќна бура од 4-та категорија, се упати кон брегот на Заливот на Флорида.

Малку подоцна, Милтон го погоди овој северноамерикански полуостров како бура од трета категорија, според американскиот национален центар за урагани, и ќе продолжи да предизвикува поројни поплави и бранови опасни по живот, додека повеќе од милион луѓе се без струја, а таму се и жртви.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ