Новото истражување спроведено во Велика Британија открива дека екстрактот од калинка може значително да придонесе за здравјето на срцето, особено кај постарите лица.
Студијата објавена во списанието „Нутриентс“ (Nutrients) сугерира дека ова овошје може да го намали крвниот притисок и воспалението, со што го забавува стареењето и го намалува ризикот од проблеми со срцето.
Научниците истакнале дека екстрактот од калинка може да биде едноставно и достапно решение за здраво стареење.
„Забележавме намалување на воспалителните маркери и крвниот притисок кај испитаниците, што е особено важно за луѓето постари од 55 години“, велат истражувачите.
Резултати по 12 недели
Во истражувањето учествувале 86 здрави луѓе со различни нивоа на воспалителни маркери и фактори на ризик за срцеви болести, како што се зголемен холестерол или крвен притисок. Учесниците биле поделени во две групи: едната примала плацебо, додека другата секојдневно земала две капсули екстракт од калинка, што изнесувало околу 740 милиграми дневно.
По 12 недели, 76 учесници ја завршиле студијата. Оние кои земале екстракт од калинка доживеале значително намалување на крвниот притисок, во просек од 3 до 5,2 мм Хг. Иако тоа можеби не изгледа како голема промена, експертите напоменуваат дека намалувањето на крвниот притисок за 5 мм Хг може да го намали ризикот од сериозни срцеви случувања за дури 10 отсто.
Зошто калинката е корисна?
Калинката е богата со полифеноли, соединенија познати по своите антиоксидантни и противвоспалителни својства. Овие соединенија ги штитат клетките од оштетувања предизвикано од секојдневниот стрес, а со тоа го забавуваат процесот на стареење. Освен тоа, калинката е еколошки прифатлив плод, бидејќи растението бара малку вода, се прилагодува на различни почви и има низок јаглероден отпечаток.
Иако резултатите се ветувачки, научниците предупредуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се потврди врската помеѓу екстрактот од калинка и здравјето на срцето, особено поради ограничениот број на учесници во оваа студија. Сепак, овие наоди укажуваат на можност за воведување нови препораки за постарите лица со висок крвен притисок, вклучително и промените во животниот стил.