Од петок трговците ќе ги објавуваат цените на производите на веб-страниците, ДПИ ќе ги контролира

Ажурирањето на цените Дурмиши рече дека ќе треба да се прави на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот

Доколку маркетите не се подготвени од петок редовно да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) соодветно ќе постапува врз основа на надлежностите што ги има според Законот за потрошувачи, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

„Досега кај нас не е стигната информација дека некој од трговците има проблем да го имплементира овој правилник, но доколку имаат тешкотии да го спроведат тука сме да седнеме да разговараме со нив“,рече Дурмиши на денешната прес-конференција.

Тој информираше за обврските што ги имаат трговците согласно Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците, а кои од петок ќе мора да ги објават на нивните веб-страници.

Цените ќе треба да бидат објавени на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените.

Објавените цени, како што рече Дурмиши, треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава.

Во објавените цени треба да е наведен називот на производ, продажната цена со ДДВ, единечна цена по килограм, литар, метар, да има негов опис, достапноста во продажен објект и редовната цена со ДДВ.

Исто така, треба да е наведена и промотивната или попустна цена која треба да содржи цена со попуст изразен во проценти, вид на промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот.

Ажурирањето на цените Дурмиши рече дека ќе треба да се прави на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот, а доколку се направи ненамерна техничка грешка, трговецот треба да ја коригира во рок од 24 часа.

„Од четврток 18 април сите трговци, мали, средни или големи, ќе треба да ги објават цените на секој производ што го нудат во малопродажба. Тука влегуваат и маркети кои продаваат основни прехранбени производи, овошје и зеленчук, и трговци кои продаваат средства за хигена, трговци на мало со бела техника, со играчки, техстилни производи, градежни материјали, алати и електрични апарати, буквално сите трговци кои вршат трговија на мало. Исклучени се само микро трговци, односно оние кои вработуваат до 10 лица“,рече Дурмиши.

Прашан дали се размислува за продолжување на кошничките што беа воведени за Рамазан и Велигден, а кои завршуваат на 30 април, Дурмиши рече дека согласно податоците од Државниот завод за статистика во март е забележана дефлација од 1,3 отсто и оти инфлацијата е стабилна.

„Ќе ги следиме случувањата во наредниот период и ако случајно се зголемува инфлацијата ќе донесеме други мерки“,додаде тој.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ