Група експерти на Обединетите нации денеска ги повикаа сите земји да ја признаат палестинската држава за да се постигне мир на Блискиот Исток.
Повикот доаѓа по една недела во која Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ја признаа палестинската држава, што го налути Израел, кој стана се повеќе изолиран на меѓународно ниво поради војната во Газа.
Експертите, вклучително и специјалниот известувач на ОН за човекови права на палестинските територии, рекоа дека признавањето на палестинската државност е важно за правата на палестинскиот народ и неговите напори за слобода и независност.
„Ова е предуслов за траен мир во Палестина и на целиот Блиски Исток и започнува со итно објавување на прекин на огнот во Газа и запирање на понатамошните воени упади во Рафах. Решението за две држави останува единствениот меѓународно договорен пат кон мир и безбедност и за Палестина и за Израел и е излез од генерациските циклуси на насилство и гнев“, нагласија тие.
Шпанија, Ирска и Норвешка, со признавањето на палестинска држава, сакаат да го забрзаат постигнувањето мир во Газа. Трите земји изразија надеж дека тоа ќе го забрза признавањето од страна на другите западни земји. Данскиот парламент подоцна одби да го стори тоа, а Словенија ќе го разгледа во вторник. Израел се противи на признавањето на Палестина тврдејќи дека тоа го зајакнува Хамас.