Општина Струга и ЈП „Водовод и канализација“ со апел за рационално користење на водата за пиење

Општина Струга и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните за рационално користење на водата за пиење во градот и околината. Градоначалникот Рамис Мерко и директорот на претпријатието Дашмир Насуфи на денешната средба во Општина Струга информирале дека на терен се општински инспектори, кои вршат контроли за нерационално трошење на водата.

– Ги замолуваме граѓаните и стопанствениците да не ја злоупотребуваат водата за пиење, бидејќи на терен веќе има општински инспектори, кои проверуваат за вакви случаи, а сето тоа заради 24/7 снабдување со вода за пиење за сите, соопшти општина Струга.

Несовесното и нерационалното користење на водата, според информацијата, може негативно да резултира во исполнувањето на секојдневните потреби на граѓаните.

– Користењето на природните ресурси, особено на водата за пиење, сè повеќе бележи тренд на раст, имајќи го предвид фактот дека се користи за индустриски, економски, земјоделски, рекреативни или за други цели. Оваа ситуација влијае на пристапот до водните резерви или на вкупната количина на вода, стои во соопштението на Општина Струга.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ