Пендаровски од Прилеп: Со минимум слога за кратко време може да ги заокружиме стратегиските цели на државата

Тој на крајот од своето обраќање пред прилепчани порача дека очекува масовна мобилизација за гласањето уште во првиот круг на 24 април, затоа што резултатот од него ќе каже кој ќе биде победник на 8 мај, за кога е закажан вториот круг од претседателските избори

Влезот на Македонија во Европската Унија е можен за четири до пет години, ако имаме минимум слога во државата околу стратешките прашања, рече шефот на државата Стево Пендаровски вчеравечер во Прилеп од каде што го почна предизборниот карван за својата кандидатура за втор мандат на функцијата со поддршка на СДСМ.

Од обраќањето на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Прилеп / Фото: Изборен штаб на Стево Пендаровски

Пред собирот во Прилеп, тој вчера на првиот ден од почетокот на кампањата за претседателските избори беше во Кривогаштани и Крушево.

Говорејќи пред прилепчани, Пендаровски на почетокот рече оти бил пријатно изненаден затоа што според бројот на жители бројот на дадени потписи за неговата кандидатура бил најдобар во Прилеп.

Во своето обраќање тој се осврна на постигнатото во досегашниот петгодишен мандат, истакнувајќи го во тој контекст членството на земјава во НАТО за кое рече дека е работа рамна на референдумот за независност на Македонија во 1990 година.

„Во изминатиот мандат не само јас туку сите ние во Македонија, целиот народ имавме тешки пет години. Да не ја споменувам пандемијата во која година, година и пол бевме затворени сите дома, меѓутоа и покрај такви тешки околности, меѓународен контекст кој не ни беше наклонет сепак успеавме да направиме една работа која според мене е рамна на независноста на Македонија, а тоа е станавме членка на НАТО и со тоа ставивме тапија дефинитивно за секој што можеби мисли дека може да се игра играчки со нашиот територијален интегритет и суверенитет. Триесет години ниту една политичка гарнитура немаше храброст тоа да го направи од различни причини, можеби од другата страна немаше соговорник, меѓутоа сега се погодија луѓе и се од оваа политичка структура од која и јас сум дел која успеа да го направи тоа“,рече Пендаровски.

Со минимум слога меѓу нас, рече тој, државата за четири- пет години многу лесно може да ги заокружи сите стратешки цели за кои, како што додаде, сонувале генерации и генерации Македонци и граѓани на Македонија.

„Во тој дел, за жал, не сум сигурен дека имаме соработник или соговорник на другата страна“,рече тој.

Фото: Изборен штаб на Стево Пендаровски

Како најгорлив проблем тој ја посочи емиграцијата, односно иселувањето на младите. Единствен начин, рече Пендаровски, за намалување на „белата чума“ е Македонија во догледно време да стане членка на Европската Унија.

„Ако Македонија во догледно време не стане членка на Европската Унија сами со овие сили и капацитети, потенцијал и ум што го имаме сами не ќе можеме тоа да го спречиме во поголем процент. Затоа е императив на достоинствен начин, како што тоа го направивме со НАТО да влеземе и во Европската Унија, а сите предуслови за тоа се на лице, пред нас. Не треба ништо да си одземеме од тоа кој сме и што сме, јазикот ни е гарантиран, идентитетот ни е гарантиран. Оваа политичка структура после 17 години преговори и во еден дел таканаречени преговори бидејќи властодршците не сакаат да преговараат додека си ги чуваат фотелјите и парите, ги започна преговорите и ја отвори првата конференција со Европската Унија, затоа што нашите квазипатриоти од другата страна имаа поинакви планови дефакто од различни мотиви се усојузија со Бугарите“,рече Пендаровски.

За политиката на Бугарија, кандидатот за претседател на државата, рече дека направила катастрофална грешка кон Македонците и кон Македонија, а во нејзините напори да нè блокира на патот кон ЕУ, како што рече Пнедаровски, ја имала поддршката од домашните квазипатриоти.

„Ние мора да направиме сè после овие избори, после парламентарните, со новиот парламент, новата влада и новиот претседател тоа да го деблокираме затоа што не ни си пишува добро ако самите се обидуваме оваа бела чума како ја викаат да ја спречиме. Со пристап до европските фондови убеден сум дека за четири-пет години ќе можеме да го дуплираме стандардот на секој македонски граѓанин затоа што тоа го покажуваат примерите на сите држави кои претходно влегоа во Европската Унија. Гледајте ги нашите источни соседи. Пред десетина, 15, 20 години за нив бевме Калифорнија, бевме Америка, денеска просечната плата во Бугарија е 950 евра. Само затоа што се таму. Да намалиме невработеност, да зголемиме инвестиции, да зголемиме просечни плати од 1 100 евра. Можно е сето тоа во еден мандат, но само ако не се глодаме меѓу себе. Јас ве уверувам дека овој концепт што го зборувам десетина години наназад, поддржан од многумина од вас е единствениот исправен пат за Македонија ако сакаме наскоро да бидеме една пристојна, ја би рекол и здодевна европска држава и демократија“,рече шефот на државата барајќи ја поддршката на прилепчани за втор мандат на функцијата.

Фото: Изборен штаб на Стево Пендаровски

За претстојните избори, рече оти нема да ги нарече историски, но предупреди, како што кажа, на опасноста која доаѓа од главната опозициска партија чија понуда е враќање на државата назад.

„Ниту еден договор од овие што ги споменав кои не направија дел од нормалниот, просперитетен  и безбеден свет не им чини. Дали верувате дека 23 години после Рамковниот договор тие би сакале да го менуваат и тој договор кој ја спречи војната. Овдека на плоштад имате жртви од таа војна. Дали ви се верува дека после Преспанскиот договор сакаат да го враќаат и тоа назад затоа што им пречи името Северна Македонија, а не им пречат функционерските плати што ги земаат како пратеници и градоначалници со Северна. Па што не ги вратат мандатите на луѓето ако им пречи Северна. Не им пречи Северна, сакаат да дојдат на власт“,рече Пендаровски.

Тој на крајот од своето обраќање порача дека очекува масовна мобилизација за гласањето уште во првиот круг на 24 април, затоа што резултатот од него ќе каже кој ќе биде победник на 8 мај за кога е закажан вториот круг од претседателските избори.  

„Ве уверувам дека оваа опција за која цел живот се залагам, не може да ја однесе Македонија во балканската кал повторно, туку во просперитетна европска средина. Затоа заокружете број 1 и во првиот и во вториот круг и за парламентарни и за претседателски,  затоа што Македонија не смее да се враќа назад“,порача Пендаровски од Прилеп.

Карванот на претседателскиот кандидат на СДСМ денеска продолжува во Пробиштип и Штип.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ