Пет години никој не го контролирал барот во Швајцарија, сега се забранети прскалките

Барот „Ле Констелејшн“ во ски центарот Кран-Монтана, каде што избувна смртоносен пожар на новогодишната ноќ не ја поминал безбедносната проверка пет години, открија швајцарските власти на прес-конференција.
Во трагедијата загинаа 40 лица, а 116 беа повредени. Властите, исто така, објавија и моментална забрана за употреба на прскалки во локалните ресторани откако прелиминарната истрага покажа дека тие се веројатна причина за пожарот, јавува Би-Би-Си.
Пожарот избувна во раните утрински часови на 1. јануари во популарниот бар, кој бил полн со гости, претежно млади лица.
Жртвите биле на возраст од 14 до 39 години, а меѓу повредените имало најмалку 12 различни националности, од кои 83 се во болница.
Трагедијата доведе до кривична истрага против францускиот пар кој го водел барот, кои се осомничени за убиство од небрежност, телесни повреди од небрежност и палење од небрежност.
Градоначалникот на Кранс-Монтана, Николас Феро, потврди дека во барот „Констелејшн“ не биле спроведени никакви безбедносни проверки, истраги или ревизии во последните пет години.
„Жалиме за ова – им го должиме тоа на семејствата и ќе ја прифатиме одговорноста“, рече Феро.
Тој објасни дека тим од само пет лица вршел проверки во област со повеќе од 10.000 згради, вклучувајќи ресторани и хотели. Градоначалникот нагласи дека властите сакаат да бидат транспарентни „веднаш“ кога ќе го забележат пропустот и дека истражуваат зошто се случил. Исто така, беше најавена и целосна ревизија на сите згради во областа.
И покрај овие пропусти, Феро одби да даде оставка.
„Нема да поднесам оставка, и не сакам“, кажа тој, додавајќи дека „сега не е време да се напушти бродот“, и дополни дека Кран-Монтана исто така е „жртва во овој случај“.
Тој ја префрли одговорноста за евентуалната пренатрупаност на барот врз менаџерите на објектот, велејќи дека „на судиите е да утврдат кој е одговорен“. Кога го прашале зошто не реагирале порано, тој одговорил: „Многу би сакал овие луѓе да дојдат на мојата врата и да кажат дека е прашање „не дали, туку кога“.“

ОСТАНАТИ ВЕСТИ