Пожар во Хонг Конг: Завршени спасувачките операции, потврдени 128 загинати, 200 се водат како исчезнати

Спасувачките операции по катастрофалниот пожар во станбениот комплекс Ванг Фук Корт во населбата Таи По во Хонг Конг се откажани, а околу 200 лица се уште се водат како исчезнати.
Шефот за безбедност на Хонг Конг, Крис Танг, изјави дека потрагата по преживеани е прекината, додека најмалку 79 лица се повредени. Владата соопшти дека 12 пожарникари се повредени во пожарот, од кои еден е сериозно.
Според официјалните бројки, 128 лица се потврдени како мртви во пожарот, вклучувајќи еден пожарникар, додека уште 16 тела се уште се во зградите. Противпожарната служба соопшти дека 25 повици за помош остануваат неодговорени, а телата сè уште се извлекуваат од местото на настанот, завиткани во црни кеси, објави Ројтерс.
Комплексот од осум блока е во реновирање од јули 2024 година, покриен со бамбусови скелиња и зелена мрежа. Прелиминарната истрага покажа дека запалив полистирен е користен за запечатување на прозорците на лифтот на секој кат, што предизвика пожарот брзо да се шири низ ходниците и становите. Мрежите и фолиите што се користат на надворешноста на зградите, исто така, не ги исполнуваат стандардите за противпожарна безбедност.
Владата на Хонг Конг започна кривична истрага, а Независната комисија против корупција (ICAC) уапси двајца директори на Will Power Architects, консултантската фирма одговорна за проектот за реновирање. Претходно, тројца високи функционери на Prestige Construction & Engineering Co Limited, вклучувајќи двајца директори, беа уапсени под обвинение за убиство од небрежност.
ICAC отвори истрага за корупција во врска со проектот за реновирање вреден 330 милиони хонгконшки долари. Досега се уапсени вкупно пет лица во врска со трагедијата.
Премиерот Џон Ли Ка-чиу нареди инспекции на сите комплекси за јавни станови што се реновираат, додека властите се обидуваат да утврдат одговорност за најсмртоносниот пожар во Хонг Конг во последните седум децении.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ