Со пристигнување на патници од Истанбул, денеска на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ официјално беше означен стартот на нововоспоставената авионска линија од Истанбул до Охрид.
Станува збор за првиот лет на директната линија на авиокомпанијата „Turkish Airlines“, која од денеска ќе сообраќа од Истанбул до Охрид.
Според претходните најави, летовите на релацијата Истанбул – Охрид ќе се реализираат четири пати седмично, и тоа во понеделник, четврток, петок и недела. Турската авиокомпанија за оваа линија ќе користи авиони Airbus A321, Boeing 737-800 и Boeing 737-900 од својата флота.
На денешниот настан на охридскиот аеродром присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“ Серкан Каптан, главниот извршен директор на „Turkish Airlines“ Билал Екси и турскиот амбасадор Фатих Улусој.