Денеска во Шпанија е прогласена тридневна жалост додека спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат уништените вагони за да ги пронајдат жртвите по судирот на возови во кој загинаа најмалку 40 лица, а десетици се повредени.
Шпанските служби за итни случаи соопштија дека бројот на жртвите се искачил на 40, додека 41 повреден патник е хоспитализиран, од кои 12 се наоѓаат на одделот за интензивна нега.
Полицијата отвори посебни канцеларии каде што роднините на исчезнатите можат да поднесат пријави и да дадат примероци од ДНК за идентификација на жртвите, пренесува „Гардијан“.
Премиерот Педро Санчез по посетата на местото на несреќата најави тридневна национална жалост и истакна дека јавноста ќе биде информирана веднаш по утврдување на причините за трагедијата.
Според „Ел Паис“, речиси 500 лица патувале со двата воза: 294 на релацијата Малага–Мадрид и 184 во возот што сообраќал од Мадрид кон Уелва.
Министерот за сообраќај Оскар Пуенте најави дека железничката линија Мадрид–Андалузија би можела повторно да биде пуштена во употреба на 2 февруари. Тој посочи дека е рано да се каже дали дефект на пругата бил причина или последица на несреќата, бидејќи на делница долга 200 до 300 метри биле забележани повеќе оштетувања на шините. Како дополнение, информира дека ова е прва голема несреќа на брзите пруги, исклучувајќи ја трагедијата во Галиција.
Компанијата „Ирио“, на која ѝ припаѓал еден од возовите, соопшти дека возилото било технички прегледано пред само четири дена.
На терен се ангажирани околу 40 припадници на Единицата за вонредни ситуации (УМЕ), кои работат на расчистување и спасување.
Прогласена тридневна жалост во Шпанија – бројот на жртви се искачи на 40
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft