Протестите против судските реформи во Израел станаа насилни

Протестите против новата израелска влада кои траат со недели денеска за првпат станаа насилни бидејќи полицијата употреби солзавец, шок-бомби и водени топови за да ги растера демонстрантите што блокираа автопат во Тел Авив.
Министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, претходно повика на остар одговор на „анархистите“.

Насилството избувна за време на протестите на илјадници луѓе ширум земјата против владиниот план за реформирање на правосудниот систем на Израел.

Претходно имаше протест пред зградата на Парламентот (Кнесетот) во Ерусалим, а потоа демонстрантите почнаа да се собираат пред резиденцијата на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Најмалку 11 лица повредени во судирите со полицијата дошле во болниците за да им се укаже помош за гребнатини, исеченици и изгореници, јавуваат израелските медиуми.

Низ целата земја, за време на протестите беа уапсени 39 лица. Притоа беа блокирани патиштата, а беше во прекин и железничкиот сообраќај.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини опозицискиот лидер Јаир Лапид дека „сее анархија“ и оцени дека повикот на Лапид да се протестира против реформскиот план, без да се преговара за компромис со владата, е заговор за да се издејствуваат нови избори.

Лапид на Твитер одговори дека единствено анархија создава владејачката коалиција која ја изгубила способноста да владее.

Израелската опозиција соопшти дека нема да преговара додека владата продолжи да го спроведува планот за реформи во Парламентот. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ