Катастрофален пожар зафати седум високи станбени згради во Хонг Конг, при што животот го загубија најмалку 36 лица, а 279 жители се водат како исчезнати. Пожарот и понатаму е активен, додека спасувачките екипи водат тежок и неизвесен бој со огнената стихија.
Пожарот избувнал во комплексот „Wang Fuk Court“ во областа Тај По, каде што живеат повеќе од 4.000 жители. Комплексот се состои од осум кулести згради со најмалку 31 кат, од кои седум се целосно зафатени од огнот. Голем дел од станарите се постари лица – околу 36 проценти се над 65 години.
Најмалку 29 луѓе биле пренесени во болница, од кои седум се во критична состојба. Меѓу жртвите е и еден пожарникар. Повеќе лица останале заробени на високите катови, меѓу нив тринаесет старци и две бебиња. Во драматична спасувачка акција, пожарникарите успеале да извлечат едно бебе и една постара жена, кои веднаш добиле медицинска помош и кислородни маски.
Лидeрот на Хонг Конг, Џон Ли, свика итен состанок и ја потврди трагичната бројка на загинати. Тој соопшти дека причината за пожарот сè уште се истражува и упати сочувство до семејствата на загинатите и повредените, најавувајќи дека сите погодени ќе добијат неопходна помош.
Пожарникарските екипи се соочуваат со исклучително високи температури, експлозии од внатрешноста на зградите, паднати скелиња и горливи кршеви кои дополнително ја отежнуваат спасувачката акција. Властите упатија апел до сите кои сè уште се заробени да ги затворат вратите и прозорците, да ги забртват со леплива лента и влажни крпи и да ја известат пожарникарската служба за точната локација и бројот на лица во станот.
Повеќе од 700 жители биле евакуирани и сместени во привремени засолништа. Некои станари изјавиле дека противпожарните аларми не се огласиле, а се пријавени силни пукотници, вжарени искри и пламен кој пробивал низ фасадите.
Според класификацијата на пожарникарските служби во Хонг Конг, ова е пожар од петтата – највисока – категорија на опасност. И покрај ригорозните градежни стандарди по кои градот долго време важеше за пример во безбедноста на висококатниците, трагедијата покажува колку брзо може да се прошири огнот во густо населените урбани средини.
Причините за пожарот и потенцијалната поврзаност со помал пожар што избувнал денеска во близина на реката Тај По, сè уште се истражуваат. Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по исчезнатите, додека жителите со страв и неверување го следат најтешкиот пожар во последните години во овој мегалополис.
Расте бројот на мртви во пожарот во Хонг Конг: 36 загинати и 279 исчезнати
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft