Руските власти денеска наредија евакуација на повеќе од илјада цивили на вториот ден од пожарот на главниот нафтен терминал на Крим, за кој Киев вели дека бил предизвикан од удар на Украина, пренесе АФП.
„За да се осигура безбедноста на луѓето кои живеат во близина на локацијата, 1.047 луѓе се привремено евакуирани во центрите за сместување“, изјави Игор Ткаченко, градоначалник на градот Феодосија, каде што се наоѓа терминалот, за својот канал Телеграм.
Според руските служби за итни случаи, пожарот не е под контрола и продолжува да се шири, при што се запалиле три цистерни за нафтени деривати.
Површината на пожарот во нафтениот терминал порасна на 2.500 метри квадратни, велат спасувачите.
Украинската армија вчера соопшти дека со проектили го погодила нафтениот терминал на Феодосија во источен Крим, пишува БТА. Според Киев, тоа е „најголемиот“ нафтен терминал на полуостровот Крим и ја снабдува руската војска. Руските власти го потврдија пожарот без да ја прецизираат неговата причина.
Во септември минатата година Украина веќе користеше ракети со долг дострел за да го погоди седиштето на руската Црноморска флота во Севастопол.