Шестгодишно девојче е единственото преживеано од четиричлено семејство по тешката железничка несреќа што се случи вчера во јужна Шпанија, соопштија локалните власти во покраината Уелва.
Во несреќата животот го загубиле брачен пар од Пунта Умбрија, нивниот 12-годишен син и еден нивни роднина, додека најмладата ќерка успеала да преживее.
Според сведоштва од жителите на местото Адамус, размерите на трагедијата биле невидени за локалната заедница. Продавачот на лотариски билети Анхел изјави дека неколку минути по несреќата се искачил на покрив за да има подобар поглед, при што видел десетици полициски возила, противпожарни екипи, амбулантни возила и припадници на цивилната заштита, како и целосно затворен пат кон местото на настанот.
Судир со над 200 километри на час: Драматични сведоштва на патниците по тешката железничка несреќа во Шпанија
Шеесет и двегодишниот земјоделец Антонио посочи дека неговото семејство било сведок на хаотичните сцени по несреќата, додавајќи дека неговиот град никогаш претходно не се соочил со ваква трагедија. Локалната жителка Марија, пак, истакна дека мештаните спонтано им помагале на повредените, делејќи вода и ќебиња на луѓето кои се нашле на местото на несреќата.
Во меѓувреме, истражителите соопштија дека е пронајден клучен технички дефект кој најверојатно довел до исклизнување на возот од шините. Според првичните наоди, станува збор за оштетен и пукнат спој на пругата, познат како „рибја плоча“, што укажува на долготрајна истрошеност и проблем кој постоел подолг период.
Од шпанската државна железничка компанија „Ренфе“ претходно информираа дека човечка грешка речиси целосно е исклучена како можен причинител на несреќата. Иако спорната делница била целосно реконструирана во мај минатата година, според достапните информации, и понатаму се појавувале технички проблеми.
Истрагата продолжува, а јавноста очекува целосно расветлување на причините за една од најтешките железнички трагедии во поновата историја на регионот.