Гордана Силјановска Давкова, кандидатката за претседател на ВМРО – ДПМНЕ и партиите од коалицијата браќајќи се на синоќешниот митинг пред Владата, рече дека мора да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок.
-Ама и во какви било односи кон надвор со држави поголеми од нас, па и со сојузи како што е ЕУ, ние вистинските европјани, имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности, оти без нив нема ниту демократија, ниту просперитет, ниту мир. Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ. Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ, рече Силјановска Давкова.
Тие членството во ЕУ, вели таа, го замислуваат како качување на воз што оди кон Брисел. Не, додаде кандидатката за претседател, Брисел треба да дојде овде.
-За овие години тие ништо од тн. копенхагенски критериуми не спроведоа. Ние ќе го сториме тоа. Кога нема ништо да направите, и кога ќе бидете во конфузија, што ви преостанува, само хорски да пеете нешто во што не верувате. Нема потреба од повторување за нешто што постои, рече Силјановска Давкова.
Таа посочува дека тие ветуваат реформи, а тоа значи дека не ги направиле. – Кога нема да го направите она што сте го ветиле, треба да си заминете, рече таа.
Презентирајќи ги своите цели рече дека како претседател ќе се врати кај граѓаните преку народните канцеларии, кои сега ги снема. Ќе ја почитува владата и ќе соработува со неа.
-Некогаш ќе ја советувам, некогаш ќе ја критикувам, ќе бидам своја глава. Ако во извршната власт има две глави тие мора да соработуваат. Надвор нема да заминам без да изградам консензус за најважните државни и национални прашања. Ќе го почитувам Собранието како законодавен орган. Но ако забележам врз основа на анализа дека отстапува од Уставот и законите ќе побарам да се обратам, да предупредам. Ако и тоа не врви ќе употребам вето. Нема да дозволам надвор да парадираат дипломати кои ја уриваат гордоста на Македонија. Напротив ќе не претставуваат најстручните и најдобрите, рече Силјановска Давкова.
Нејзините двајца членови во Судскиот совет ќе бидат најдобрите правници. – Моите предлози во Уставниот суд ќе личат на моите колеги, Џуно, Нектов, Старова, не на нивните партиски послушници кои ги употребија во процесот против народот, рече таа.
-Ќе го одберам ако имам таков избор, или ќе го именувам најпочитуваниот во вооружените сили врховен комндант на истите. Зошто оние под него и војниците треба да веруваат во водачот. Ќе се грижам за оние кои се дел од вооружените сили. Се разбира ние сме веќе членка на НАТО и стандардите треба да се почитуваат, рече Силјановска Давкова. Во Советот за безбедност ќе именува тројца врвни познавачи на безбедносните прашања.