Силно невреме уште наречено циклонска бомба донесе обилни дождови и силни ветрови во американската сојузна држава Калифорнија. Десетици илјади домаќинства останаа без струја, а патиштата се затворени, пренесоа светските агенции.
Најпогодени се областите во Северна Калифорнија, околу Сан Франциско и Сакраменто. Тамошните власти ги предупредија луѓето на ризик од поплави и лизгање на земјиште, стравувавајќи дека невремето може да предизвика и жртви.
Откажани се повеќе од 80 летови до и од аеродромот во Сан Франциско, објави веб-страницата „Флајтрадар“. Околу 60 илјади домаќинства се без струја. Поради поплави, одрони или паднати дрвја во прекин е сообраќајот на патиштата во областите Мендосино, Санта Круз, Санта Клара.
Налетите на ветрот достигнуваат и до 110 километри на час.
Според метеоролошката служба. обилните врнежи ќе продолжат, а во планинските предели на Сиера Невада се очекува снег, со снежна покривка над метар.
Во Сан Франциско баровите и рестораните останаа затворени, а од луѓето беше побарано да останат и да работаат од дома, доколку е можно. Илјадници вреќи со песок беа доставени до подрачјата загрозени од поплави.
Северна Калифорнија неодамна беше погодена од серија бури. Последното невреме за новогодишната ноќ предизвика лизгање на земјиште и прекин во електроенергетската мрежа, а едно лице загина откако неговиот автомобил заврши во поплавен дел од патот.