Следното рочиште за Мадуро закажано за 17 март, одбраната најавува спор за законитоста на апсењето

Следното рочиште во судскиот процес против Николас Мадуро е закажано за 17 март, со почеток во 11 часот, одлучи федералниот суд во Њујорк. Судот му наложи на Мадуро повторно да се појави пред суд во средината на март, по завршувањето на денешното рочиште.
За време на расправата околу терминот, бранителот на Мадуро отвори прашања поврзани со, како што наведе, „законитоста на военото киднапирање“, алудирајќи на начинот на кој поранешниот венецуелски лидер бил приведен и префрлен во САД. Одбраната информираше и за одредени здравствени проблеми кај Мадуро, при што беше побаран соодветен образец за да му се обезбеди адекватна медицинска нега за време на притворот.
Здравствени потешкотии беа наведени и кај неговата сопруга, Силија Флорес. Нејзиниот адвокат Марк Донели изјави дека таа има сериозни модринки во пределот на ребрата и дека ќе ѝ биде потребна соодветна медицинска грижа.
Адвокатите на Мадуро и Флорес информираа дека во оваа фаза нема да поднесат барање за кауција, но најавија дека тоа ќе го сторат во подоцнежна фаза од постапката.
Во посебна изјава, бранителот на Силија Флорес нагласи дека таа е „во добро расположение“ и дека е подготвена за долг судски процес.„Со нетрпение очекуваме да ги разгледаме и оспориме доказите што ги поседува владата“, изјави Марк Е. Донели од адвокатската канцеларија Parker Sánchez & Donnelly PLLC.
Тој додаде дека одбраната ќе ја изнесе својата позиција „во судницата, во соодветно време“, нагласувајќи дека Флорес е свесна оти ја очекува долга правна битка и дека е подготвена да се соочи со неа.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ