Столтенберг: Бахмут може да „падне во наредните денови“

Источниот украински град Бахмут, во центарот на неколкумесечната борба, и кој е под притисок на руската војска и руската паравоена група Вагнер, би можел да „падне во следните денови“, предупреди денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

– Не можеме да исклучиме дека Бахмут на крајот ќе падне во наредните денови, рече Столтенберг на маргините на состанокот на европските министри за одбрана во Стокхолм.

Бахмут е жариште на неколкумесечните интензивни борби меѓу Украина и Русија, која се обидува да ја преземе контролата врз областа.

Шефот на руската паравоена група Вагнер денеска изјави дека неговите војници го зазеле „целиот источен дел“ на Бахмут, центарот на борбите во источна Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави синоќа во интервју за Си-Ен-Ен дека неговите воени сили се решени да го задржат тој град и дека падот на градот ќе остави „отворен пат“ за Русите кон другите градови во источна Украина.

Шефот на НАТО ја минимизираше стратешката важност на веќе уништениот град Донбас, кој Русија вети дека ќе го освои и покрај големите загуби.

– Ова неизбежно не значи некаков пресврт во војната, но укажува дека не треба да ја потценуваме Русија. Треба да продолжиме да ја поддржуваме Украина, изјави Столтенберг за новинарите.

Според Москва, заземањето на градот ќе овозможи „нови офанзивни операции во длабочина“ на Украина.

Министрите за одбрана на ЕУ денеска изнесоа план за испорака на проектили и муниција во Украина. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ