Сузана Ќелешоска од ООУ „Мурат Лабуништи“ од Лабуништа го доби признанието за најдобар Просветен работник на годината за учебната 2024/25 година

На 5.10.2025 (недела) во просториите на домот на култура „Билјана Беличанец“, Кисела Вода, Скопје, беа доделени признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025г.

-Со голема чест и гордост го примив признанието „Просветен работник на годината“ во категорија одделенска настава, потврда за долгогодишната посветеност, љубов и ентузијазам со кои секојдневно ја извршувам својата најубава мисија-да воспитувам, да инспирирам, да едуцирам и да создадам идни генерации на луѓе со срце и знаење. Ова признание не е само чест, туку и поттик за уште поголема љубов и посветеност кон професијата што ја живеам со срце. Моето учителско секојдневие е исполнето со насмевки, љубопитни детски погледи и безброј мали, но значајни успеси, вели за strugaonline Сузана Ќелешоска.

-Наградите ги врачија Министерката за образование Весна Јаневска и претседателката на Сојузот на просветни работници м-р Лидија Николовска. Добивме и прекрасни пригодни награди кои ќе не потсетуваат на овој значаен ден. Оваа награда ја посветувам на моите ученици како моја најголема инспирација, потсетник дека учителството е повик, љубов и начин на живот, со родителите кои ми веруваат и не поддржуваат, но и на моето семејство, кое е мојата најцврста поддршка, мојата сигурност и потсетник дека љубовта и разбирањето се темел за секој успех. Благодарна сум за нивната трпеливост, разбирање и охрабрување-затоа што секој успех е уште посјаен кога е споделен со оние што веруваат во тебе безрезервно, додава Ќелешоска.

Оваа година Светскиот ден на учителот беше одбележан со старт на националната кампања „Магијата е во знаењето“ како иницијатива што ја истакнува важноста на наставниците – како тивки херои на нашето време.

-Да, точно е дека ние учителите не носиме наметки, но секојдневно, со љубов, трпение и посветеност ја создаваме вистинската магија – ја пренесуваме светлината на знаењето. Во срцето на секој ученик се крие искра што може да го осветли светот. Нашата задача како учители е да ја чуваме таа искра и да и помогнеме да стане светлина што ќе ги води идните генерации. Нивните соништа се нашата иднина,а љубовта кон учењето е најубавата магија што можеме да ја подариме, завршува на крај Сузана Ќелешоска „Просветен работник на годината“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ