Тензии во Црвеното Море: Кризата што ја попречува светската трговија

FILE PHOTO: Houthi military helicopter flies over the Galaxy Leader cargo ship in the Red Sea in this photo released November 20, 2023. Houthi Military Media/Handout via REUTERS THIS IMAGE HAS BEEN SUPPLIED BY A THIRD PARTY/File Photo

Нападите на Хутите сериозно го нарушија транспортот во Црвеното Море, витален воден пат кој сочинува 12% од светската трговија.

Хутите, бунтовничко движење во Јемен, веќе повеќе од еден месец напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море. Во телевизиско соопштение, тие ветија дека ќе се приклучат на војната на Хамас против Израел и ќе ги заштитат Палестинците, гаѓајќи ги сите бродови што пловат кон Израел.

Нападите практично отворија уште еден фронт за Израел на југ, бидејќи земјата веќе се соочува со гранатирање од нејзината северна граница со Либан.

Кои се Хутите?

Хутите се мнозинска шиитска исламистичка група со седиште во Јемен. Тие се воено поддржани од Иран, тврдат воени експерти.

Официјалната влада на Јемен, Саудиска Арабија, ОАЕ и Малезија ги прогласија за терористичка организација. Хутите моментално контролираат голем дел од западен Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Во 2015 година, коалицијата предводена од Саудиска Арабија им објави војна, предизвикувајќи крвав конфликт кој однесе стотици илјади животи. Непријателствата сè уште се активни, иако е договорен прекин на огнот.

Што точно се случува во Црвеното Море?

Хутите лансираат проектили и поморски беспилотни летала од териториите под нивна контрола во Јемен, вклучувајќи го и пристаништето Худајда.

Повеќе од двесте бродови пријавиле инциденти, а околу 180 бродови биле принудени да го сменат курсот, вели Гокчај Балчи, професор по логистика и синџири на снабдување на Универзитетот во Бредфорд. Највпечатлива операција досега беше запленувањето на израелскиот товарен брод Галакси Јемен.

Сепак, освен некои помали штети, ниту еден брод не е потонат ниту се пријавени жртви. Повеќето операции на Хутите се фокусираат на мал морски дел од 32 километри меѓу Јемен и Џибути, поради што поминувањето на бродовите низ тој морски премин станува опасно.

Кои се последиците?

Како резултат на нападите, најмалку осум од 10-те најголеми бродски компании во светот – вклучувајќи ги MSC и Maersk – привремено ги прекинаа операциите во Црвеното Море, пренасочувајќи ги своите бродови кон Ртот Добра надеж, во Јужна Африка.

Тоа патување е подолго 9.000 километри, и наместо 6 трае 14 дена, во зависност од бродот, вели Ги Платен, генерален секретар на Меѓународната комора за бродови.

Повеќето експерти се согласуваат дека огромните заобиколувања немаат значително влијание врз цените на стоките.
Сепак, цените на полисите за осигурување на трговските бродови се зголемуваат, како и потрошувачката на гориво. Логистичкиот експерт Балчи тврди дека тоа значи и зголемување на емисиите на ЦО2 за секој брод за 20% до 35%. Некои компании треба да плаќаат и доплата за секој товар, од 500 долари (449 евра) до 1.000 долари (899 евра).

Како реагира Западот?

САД на 19 декември најавија операција за враќање на безбедноста во таа област на Црвеното Море, наречена „Чувар на просперитетот“.

Неколку земји, како Велика Британија, Франција, Италија, Шпанија, Холандија, Норвешка, Австралија и Сејшелите се приклучија во операцијата.

Најавата беше поздравена од Maersk, вториот по големина бродски превозник во светот, кој во понеделникот соопшти дека ќе го обнови транспортот во Црвеното Море „што е можно поскоро“.

Што може да се случи сега?

Доколку Хутите не ги прекинат нападите, САД и нивната коалиција „би можеле да бидат многу агресивни и да одлучат да уништат некои од позициите на бунтовниците“, вели Крис Дојл, директор на Советот за британско-арапско разбирање.
Тој сепак додава дека „многу е тешко да се направи таква акција во ридовите на Јемен“.

„Хутите беа во можност да испукаат проектили во Саудиска Арабија, да ги погодат саудиските цели како што е виталната нафтена инфраструктура, а исто така и во ОАЕ. Тие имаат проектили со домет над 1.600 километри. Тоа е многу опасно, тоа е огромна ескалација, но и непреземањето ништо исто така може да биде многу проблематично“.

Хутите рекоа дека ќе продолжат со овие напади се додека траат израелските воени операции во Газа.

Дојл вели дека ова е „искористување на навистина длабокиот гнев предизвикан од огромното разорување и загубата на цивилни животи во Газа од израелското бомбардирање“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ