Апокалиптични сцени синоќа во Тузла. Огромен пожар го проголта домот за стари лица. Според првичните информации, огнот избувнал на седмиот кат и брзо се проширил.
Додека спасувачките екипи се обидуваа да стигнат до заробените, станарите од пониските катови бегале за да се спасат. Ружа Кајиќ, која живее на третиот кат, за локалните медиуми раскажа дека слушнала бучава и видела како паѓа оган.
„Бев во кревет кога слушнав почна нешто да пука… Не знам дали прозорците ми останаа или пукнаа. Јас сум 301 на трети спрат и почна нешто да се руши и јас веднаш се јавив на рецепција, јас не можев да ги добијам, погледнав низ прозорецот и гледам дека од горе се паѓа некои догорци. Тогаш излегов во ходникот и некој ми рече: Дали се загрозени, им реков не, но не можев…“, вели Ружа Кајиќ.
Пожарникарите и полицијата успеале да евакуираат околу 62 станари. Градоначалникот на Тузла изјави дека ситуацијата е исклучително тешка.
„Ситуацијата е сложена и тешка. Гореше седмиот кат. Сакам да им се заблагодарам на пожарникарите од Тузла и Сребреник, како и на полицајците кои дојдоа да помогнат во евакуацијата на речиси 62 станари на безбедно“, рече Зијад Лугавиќ.
Бројот на жртви расте од час во час. Утринава, болничките власти соопштија дека во текот на ноќта починала уште една жена. Повредени се и тројца полицајци и шестмина пожарникари.
„Во првиот бран хоспитализиравме 20 пациенти, од кои 3 се полицајци, 6 пожарникари, а останатите се корисници на домот на пензионери или вработени. За жал една пациентка во текот на ноќта почина“, вели Секим Умиханиќ, директор на болницата во Тузла.
Официјални лица утрово одржаа итен состанок за да се процени ситуацијата и да се најде сместување за преживеаните. Причината за пожарот сè уште не е позната и истрагата е во тек.