Трамп: Камала Харис е ментален инвалид

Претседателскиот кандидат на Републиканската партија Доналд Трамп во Висконсин го одржа еден од најострите говори против имигрантите кои илегално ја преминале американската граница и извршиле злосторства, а неговата противкандидатка, демократката Камала Харис ја нарече „ментално хендикепирана“, пренесоа американските медиуми. Трамп, кој, како што пишува „Њујорк тајмс“, често ги доведувал во прашање менталните способности на американскиот претседател Џо Бајден, на предизборен митинг во Висконсин изјавил дека „Џо Бајден станал ментално хендикепиран, а Камала е родена така“.

Тој ја обвини Харис, која ја посети американско-мексиканската граница во петокот, дека некои мигранти извршиле злосторства по илегалниот влез во САД, тврдејќи дека таа е одговорна за „бришењето на границата на САД“, пренесува АП.

– Ќе го ослободам Висконсин од масовна мигрантска инвазија. Ќе ја ослободиме земјата – рече поранешниот американски претседател.

Трамп изрази надеж дека фрустрацијата поради илегалната имиграција ќе резултира со гласови во Висконсин и другите клучни држави, ги осуди луѓето што ја минуваат границата меѓу САД и Мексико како „отров за крвта на земјата“ и вети дека ќе ја изврши најголемата депортација во американската историја.

За време на неговиот говор, републиканскиот претседателски кандидат беше опкружен со постери на кои беа прикажани илегални имигранти уапсени за убиства и други насилни злосторства и транспаренти „Стоп за имигрантскиот криминал“ и „Депортирајте ги илегалците сега“.

Според официјалните податоци на американската влада, околу седум милиони мигранти биле фатени како илегално ја минуваат американско-мексиканската граница за време на администрацијата на Бајден, што е рекордно висока бројка што поттикна критики од Трамп и републиканците против Харис и Бајден.

Сарафина Читика, портпаролка на Камала Харис, по говорот на Трамп рече дека „тој нема ништо инспиративно да му понуди на американскиот народ, само темнина“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ