Транспортни блокади кон ЕУ: Српски и босански превозници најавија стопирање на товарниот сообраќај на 26 јануари

Најавите за нов протест на превозниците од Србија и од Босна и Херцеговина би можеле да предизвикаат сериозни застои во меѓународната трговија. Возачите на камиони соопштија дека на 26 јануари ќе ги блокираат сите гранични премини за товар кон земјите од Шенген зоната, како реакција на проблемите што ги предизвикува новиот систем за влез и излез (EES).
Системот EES ги регистрира влезот и излезот на товарните превозници, но според нив, создава дополнителни административни и временски бариери при преминувањето на границите. Превозниците тврдат дека Европската унија не ги земала предвид нивните барања и предлози за поефикасни процедури, иако нивните забелешки биле доставени уште пред воведувањето на системот.
Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт од Србија, Неѓо Мандиќ за „Јуроњуз Србија“ појасни дека протестот ќе биде ограничен само на товарните терминали и дека патничките премини нема да бидат засегнати.
„Камионите ќе бидат паркирани на терминалите, така што во ниту еден момент нема да може да се влезе или излезе со стока. Увозот и извозот буквално ќе запрат, а синџирите на снабдување практично не функционираат без нашите превозници“, нагласи Мандиќ.
Според него, изминатите две години биле вложени напори за решавање на проблемот преку дипломатски пат – со писма до Европската комисија, комуникација со властите во Србија и БиХ и средби во Брисел – но без резултати.
„Ништо не се случи. Оставивме рок од месеци и пол за решавање на проблемот, но без резултати. Затоа се решивме за подрастични мерки на протест“, изјави Мандиќ.
Тој смета дека EES системот го доведува во прашање опстанокот на превозниците, бидејќи го ограничува бројот на денови што камионите можат да ги поминат во Шенген зоната, а билатералните квоти за транспорт меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ не функционираат согласно договореното.
Блокадите, доколку бидат реализирани, би можеле да предизвикаат нови застои во снабдувачките ланци и дополнителни трошоци за стопанството и увозно-извозните компании.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ