ВИДЕО: Седницата на бугарското Народно собрание прекината по физички инцидент меѓу пратеници

Редовната седница на бугарското Народно собрание денеска беше прекината по инцидент во кој двајца пратеници влегоа во физички судир, додека седницата се пренесуваше во живо на телевизија. Поради ескалацијата на конфликтот, претседателката на парламентот беше принудена да прогласи итна пауза.
Инцидентот се случи додека министерот за енергетика во оставка, Жечо Станков, реферираше за изградбата на нови блокови во нуклеарната централа „Козлодуј“. Во салата започна вербална расправија меѓу Гјунај Далоолу од „ДПС – Ново начало“ и Радостин Василев, лидер на партијата „МЕЧ“.
Вербалната пресметка брзо премина во физички судир. Снимките покажуваат дека Василев употребил клоцање, додека Далоолу возвратил со туркање и обид за удар со тупаница.
Покрај физичката пресметка, двајцата пратеници упатиле серија навреди и закани, што целосно го попречило работењето на законодавниот дом и го предизвикало прекинот на седницата.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ