Полската политичка сцена е потресена од скандал откако пратеникот на партијата Право и правда (PiS), Марек Суски, на седница на парламентарен одбор во средата ги навредил своите колеги, нарекувајќи ги „дебили“.
На инцидентот му претходело гласање за барање за разрешување на претседателот на Одборот, Пјотр Адамович од Граѓанската коалиција (KO). Иницијаторите на смената, меѓу кои имало и претставници на PiS, го обвиниле Адамович дека им ја блокира можноста за говор и ја ограничува парламентарната расправа.
„Не е точно дека некому му го ускратуваме зборот. Исто така, немаме, а мислам дека ни господинот претседател, навика да цензурираме туѓи изјави. Ако го сметате за скандал тоа што му е дозволено на министерот за култура да зборува на седница на одборот за култура, тогаш очигледно не се разбираме“, одговорила на обвинувањата пратеничката на KO, Урзула Аугустин.
Судирот ескалираше со навреди
Пратениците на Право и правда инсистирале да се отвори расправа за барањето за разрешување, по што збор зела видно огорчената Јоана Лихоцка од PiS. „Ограничувањето на правата на опозицијата на нормална расправа е карактеристично за коалицијата од 13 декември. Ваква срамна ситуација во одборот за култура како сега никогаш немало“, изјавила таа, поднесувајќи формално барање за водење расправа.
Сепак, Војчех Крол од KO возвратил со сопствено барање – итно да се премине на гласање. Неговиот предлог бил усвоен со мнозинство гласови, што предизвикало бурна реакција од Марек Суски. „Ви благодарам, го напуштам овој одбор. Со дебили не може да се работи. Довидување, господа. Довидување, дебили“, изјавил Суски и демонстративно ја напуштил салата.
Суски не се кае, KO бара казна
Денеска Суски на ТВП Инфо се обидел да ги оправда своите зборови. „Имаше барање за разрешување на претседателот на одборот и не можеше да се образложи, бидејќи ни беше ускратен зборот“, рекол тој, додавајќи дека измамите во Сејмот не смеат да се толерираат. „Бидејќи ни се ускратува зборот, ми остана само таков израз“, изјавил Суски.
Пратеничката група на Граѓанската коалиција поднела барање до Етичката комисија, со кое се бара санкција за пратеникот на PiS. Во образложението навеле дека изразот „дебил“ е „исклучително навредлив, непримерен, пејоративен и се користи за навредување на некого и сугерирање дека е глупав или неразумен“.
Ова не е првпат Марек Суски да се најде во центарот на скандал поради навреди. Во октомври 2024 година, за време на напната расправа во истиот одбор, пратеникот Пјотр Адамович исто така го нарекол „дебил“. Тогаш се расправало за разрешување на Кшиштоф Чабански од функцијата претседател на Советот за национални медиуми.
Suski puściły nerwy: „Do widzenia, debile” — i trzasnął drzwiami.Skandal w polskim Sejmie. Poseł PiS Marek Suski demonstracyjnie opuścił posiedzenie Komisji Kultury, nie przebierając w słowach.„Opuszczam tę komisję. Z debilami pracować nie można” — rzucił Suski, wychodząc z… pic.twitter.com/tUtqOFsQjx
— NEXTA Polska (@nexta_polska) December 18, 2025