Четири лица, од кои тројца полициски службеници се повредени во сообраќајна незгода што вечерва се случила на магистралниот пат Охрид-Струга, кај крстосницата за струшкото село Мислешево, потврди за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Според него, незгодата се случила во 17:33 часот помеѓу патнички моторни возила „Форд“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на МВР и „Опел“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на 52-годишно лице од Струга.
– Во незгодата со телесни повреди се здобил возачот на возилото „Опел“, констатирани во Медицинскиот центар во Струга. Патниците во полициското возило, на возраст од 28 и 29 години, двајцата од Скопје, како и 31-годишник од Куманово, се префрлени во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид за укажување лекарска помош. За карактерот на нивните повреди ќе следува дополнителна информација, изјави Димоски.
Увид на местото на незгодата вршат полициски екипи.