Врз основа на наредба на претседателот на Републиката и врховниот командант Александар Вучиќ, Министерството за одбрана и српските вооружени сили итно праќаат 14 лекари и медицински персонал и пет амбулантни возила за да им помогнат на повредените во синоќешната несреќа во Кочани пренесуваат српските медиуми.
„Некои од повредените граѓани на Македонија ќе бидат згрижени во Воената болница во Ниш, додека оние чија состојба бара посериозен третман ќе бидат транспортирани до Воено-медицинската академија во Белград. На властите во соседната земја, исто така, им била понудена дополнителна медицинска и логистичка помош во врска со нивната грижа“, изјави Министерството за одбрана.
Министерот за одбрана Братислав Гашиќ, кој претходно изразил сочувство во врска со трагедијата во Кочани, изјавил дека членовите на српскиот воено-медицински корпус ќе направат сè за да им помогнат на повредените.
“Најмалку што можеме да направиме во оваа ситуација е да му помогнеме на братскиот македонски народ и да се грижиме за младите луѓе кои се нашле во овој хорор. Нашите воени лекари ќе направат апсолутно сè за да го зачуваат нивното здравје и да ги вратат на нивните семејства што е можно поскоро”, изјавил министерот Гашиќ.