Започна целосната реконструкција на автокампот Ливадишта во Радожда

Започна целосната реконструкција на автокампот Ливадишта во Радожда, се очекува да заврши до почетокот на летото.

ЕСМ Молика започна со целосна реконструкција на автокампот Ливадишта во Радожда, Струга. Како што соопштија од ЕСМ Молика, активностите се во насока на подигнување на квалитетот на услугите и збогатување на содржините што ги нуди ова популарно одморалиште на брегот на Охридското Езеро. Целта е, се посочува, во пресрет на летната туристичка сезона, Ливадишта конечно да прерасне во современ автокамп, со европски стандарди.

-За првпат после 50 години од изградбата на автокампот Ливадишта, се менува водоводната и одводната инсталација, се реновираат тоалетите и капатилата, се заменува инсталацијата за напојување со електрична енергија. Сите постоечки градежни парцели во автокампот ќе бидат реконструирани. Функционалните камп приколки во одморалиштето ќе бидат репарирани, а оние што веќе не можат да овозможат квалитетно сместување ќе бидат отстранети. Реновирани ќе бидат и сите бунгалови во кампот, а ќе се изградат нови парцели за трејлери и шатори, се наведува во соопштението.

Темелна реконструкција, се додава, ќе претрпи и ресторанот во Автокампот, санитарните јазли и пропратните простории во рамките на објектот. Во ресторантската кујна ќе бидат обновени сите простории и површини согласно стандардите за безбедност на храната, а ќе бидат воведени и новини кои ќе ја збогатат понудата за уште поголемо гастрономско уживање покрај Охридското Езеро.

Плажата во Автокампот Ливадишта ќе добие нов, ситен песок, просторот во целиот автокамп ќе биде партерно уреден, а спортските терени ќе бидат, исто така, реновирани. Најмладите летувалци во Ливадишта ќе добијат соодветен простор за детска забава и анимација.

Почитувајќи ги обврските кон закупците на простор во Автокампот Ливадишта, од ЕСМ Молика информираат дека ги известиле за градежно – занаетчиските работи кои се започнати во одморалиштето со надеж дека до почетокот на летото активностите ќе бидат завршени.

После целосната реконструкција на хотелот Молика, прва после 30 години од неговата изградба, реконструкцијата на Автокампот Ливадишта е вториот голем проект кој го реализира Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕСМ Молика.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ