Жена од Словенија почина откако ја каснал поскок – прв забележан случај по повеќе од три децении

Во Словенија е регистриран првиот смртен случај предизвикан од каснување од поскок по повеќе од три децении, јавуваат словенечките здравствени власти.

Како што пренесува хрватскиот портал „Дневник“, инцидентот се случил во понеделникот навечер кога 80-годишна жена била касната од змијата за раката.

– Раката ѝ отекла, а по околу 20 минути одење изгубила свест. Откако се освестила, почувствувала силна болка во стомакот – изјави Мирaн Брвар, раководител на Центарот за токсикологија и фармакологија при Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, на итна прес-конференција.

Жената, според изјавите на лекарите, веќе имала проблеми со дишењето кога пристигнал медицинскиот тим. Состојбата ѝ се влошувала и покрај напорите за реанимација.

– Беше интубирана и подложена на вештачко дишење, но за жал, почина на пат кон болницата – додаде Брвар.

Според него, во последните 30 години во Словенија не бил регистриран ниту еден смртен случај како последица од каснување од поскок.

Пред одржувањето на прес-конференцијата, Брвар ја објави трагичната вест на платформата „Икс“ (поранешен Твитер), предупредувајќи:

„По неколку децении забележано е смртоносно каснување од поскок. Избегнувајте змии. Во случај на каснување, веднаш повикајте итна медицинска помош.“

Минатата есен, Словенија регистрира уште еден случај на каснување од поскок кога планинар беше каснат во регионот Ишки Винтгар. Тој беше хоспитализиран во УКЦ Љубљана, каде што неговата состојба брзо се подобри по примената на соодветен противотров.

https://365.rtvslo.si/arhiv/prvi-dnevnik/175142059

ОСТАНАТИ ВЕСТИ