Цената на златото достигна рекордни 4.600 долари за унца, додека доларот и берзанските фјучерси на Волстрит забележаа пад, по веста дека е покрената кривична истрага против претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел. Настанот ја засили загриженоста на инвеститорите за независноста на највлијателната централна банка во светот.
Пауел остро ја критикуваше истрагата, оценувајќи дека станува збор за дел од обидите на американскиот претседател Доналд Трамп да оствари поголемо политичко влијание врз Федералните резерви. За финансиските пазари, оваа вест дополнително го усложни и онака нестабилниот почеток на 2026 година, обележан со американската воена акција во Венецуела и зголеменото геополитичко внимание на САД кон Гренланд.
Фјучерсите на индексите „S&P 500“ и „Nasdaq“ паднаа за повеќе од 0,6 отсто пред отворањето на американските берзи, додека индексот „VIX“, познат како „индекс на страв“, достигна највисоко ниво од ноември наваму. Овие индекси ја отсликуваат состојбата на 500-те најголеми американски компании и на технолошкиот сектор.
Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите масовно се пренасочија кон побезбедни вложувања. Цените на златото и среброто пораснаа за околу пет отсто, дополнително поттикнати од растечките геополитички тензии поврзани со Иран. Пазарите на обврзници исто така реагираа на зголемената веројатност за краткорочно намалување на каматните стапки во САД, што дополнително го ослабна доларот.
Во Европа, индексот „STOXX 600“ се движи близу рекордни вредности, а акциите на компаниите поврзани со воената индустрија достигнаа нови врвови. Во исто време, швајцарскиот франк, еврото и британската фунта зајакнаа во однос на американската валута.
Шефот на истражувањата во енергетскиот сектор, Сауд Кавониќ, оцени дека пазарот на нафта сè уште не ги одразува целосно ризиците од можен поширок конфликт во регионот на Хормуз, каде што Иран има клучна улога, иако цените на нафтата бележат раст во последните денови.
Претседателот Трамп во неделата изјави дека разгледува низа силни одговори кон Иран, вклучително и воени опции, поради жестоката репресија врз протестите кои претставуваат најголем предизвик за иранскиот режим од Исламската револуција во 1979 година.
И покрај тоа, пазарите реагираат претпазливо. Додека инвеститорите бараат засолниште во благородни метали и стабилни валути, фјучерсите укажуваат на ризик од понатамошни турбуленции, особено доколку продолжи политичкиот притисок врз независноста на американската централна банка, анализира Ројтерс.
Златото на историски максимум – пад на доларот и берзите по истрагата против шефот на ФЕД
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft