Во септември попис во Албанија

Институтот за статистика на Албанија соопшти дека пописот на населението, домаќинствата и становите ќе се спроведе во септември година.

-Поточно оваа статистичка операција ќе почне на 18 септември и ќе трае шест недели. Процесот ќе го следи методот на непоредно броење заснован на теренски операции со пополнување прашалници од страна на попишувачите, стои во објавата на ИНСТАТ.

Пописот најпрво беше планиран да се спроведе во 2020 година, но беше одложен поради пандемијата, потоа беше најавено дека ќе почне на први октомври 2022 година. За таа цел беше распишан тендер за набавка на 8.000 таблети, но по поднесена жалба до комисијата за јавни набавки беше поништен и пописот одложен.

-Во услови на необезбедување алатки потребни за собирање информации на терен, невозможно е да се спроведе оваа активност. Институтот за статистика останува посветен на својата цел да го спроведе пописот на населението и становите во согласност со стандардите и препораките на Обединетите нации и Статистичката канцеларија на Европската унија (Евростат), образложи ИСТАТ на крајот на август минатата година.

Инаку, последниот попис, спроведен во 2011 година го бојкотираа Македонците, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците и Египќаните, поради „дискриминаторскиот закон за попис со кој се предвидуваше казна од илјада долари за секој кој ќе каже друга етничка припадност од онаа што му пишува во матичната евиденција“.

Поради бојкотот тие беа попишани според матичната евиденција.

Исто така малцинствата не ги признаа резултатите од пописот, поради тоа дека „пописниот процес бил преполн со манипулации, злоупотреби и ја немало потребната транспарентност, поради што за малцинствата тој е целосно неуспешен“.

Како што информираа од ИНСТАТ за претходно најавениот попис прашалникот ќе ги содржи истите прашања како и на пописот во 2011 година.

– Cодржи чувствителни прашања, етничка и верска припадност, јазик, прашања за лицата со попреченост, а ќе имаме прашања и за домување, други. Пописот е статистичка активност која е регулирана со конкретен закон и за прашањата поединците се изјаснуваат она што се чувствуваат на добровлна основа и доколку не одговорат сега не е предвидена казна. Апликацијата е организирана на таков начин што одговорот не може да се измени подоцна, ова за да се избегне погрешно толкување, тврдет од ИНСТАТ.

Според пописот од 2011 година Албанија има 2,9 милиони жители наспроти 3,8 милиони до падот на комунизмот, по што почна бранот на масовна миграција.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ