Блинкен во посета на Грција

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен попладнево ја започнува посетата на Грција со средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а утре ќе се сретне со министерот за надворешни работи Никос Дендиас и со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, објавија грчките медиуми.

Блинкен и Дендиас, утре, во грчкото МНР ќе го започнат четвртиот круг од стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, соработката во областа на одбраната и енергетската безбедност, како и заедничката посветеност на САД и Грција за одбрана на демократијата, се очекува да бидат во фокусот на посетата на Блинкен на Грција.

Помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Карен Донфрид, на минатонеделниот брифинг со новинари ја оставила отворена можноста европската интеграција како на Северна Македонија, така и на земјите од Западен Балкан да биде една од темите за кои Блинкен ќе разговара со неговите домаќини во Грција за време на средбите.

Додала дека на средбите ќе стане збор и за многу други прашањата како што се Украина и Русија, но и за земјотресите во Турција и Сирија.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Грција ќе пристигне од Турција.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ