Измама во Струга: На 88-годишник му ветиле награда и му зеле 300.000 денари

Струшката полиција поднесе кривична пријава против две лица од Велес, осомничени дека измамиле 88-годишен жител и му одзеле 300.000 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против А.С. (67) и Д.С. (42), двајцата од Велес, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „измама“, казниво по член 247 од Кривичниот законик.

Според пријавеното, на 6 август 2026 година во Струга, двајцата осомничени довеле во заблуда 88-годишник и од него зеле 300.000 денари.

Тие побарале од повозрасниот маж да им донесе денари, со образложение дека парите требало да ги види сопругата на едниот од нив, која била од странска земја, а за возврат му ветиле награда.

Откако 88-годишникот им ги предал парите, осомничените како гаранција му оставиле чанта, уверувајќи го дека во неа има околу 10.000 евра.

Двајцата потоа заминале, а откако не се вратиле околу половина час, оштетениот се упатил дома. Кога ја отворил чантата, видел дека во неа нема пари, по што сфатил дека бил измамен.

За случајот е поднесена кривична пријава против двете лица.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ