Украина соборила руски воен авион

Украинската армија тврди дека денеска соборила руски ловец-бомбардер од типот Су-34 во Доњецката област, а Русија потврди соборување на авион и додаде дека „двајцата пилоти се катапултирале“, но не прецизираше чиј е авионот, ниту за каков модел станува збор.

Како што соопштија украинските воздухопловни сили, руски борбен авион се урна на истокот на Доњецк, погоден во близина на градот Јанакив, на околу 50 километри од самиот град Доњецк, на територијата контролирана од Русија, пренесува Си-Ен-Ен.

Рускиот воен функционер мајор Роман Краменков преку својот канал на Телеграм објави дека „еден авион е соборен“ над Јенакиев, во таканаречената Доњецка Народна Република, пренесе ТАСС. Според него, двајцата пилоти успешно се катапултирале, но потеклото на авионот не е јасно.

Си-Ен-Ен посочи дека не може да ги потврди тврдењата на украинските воздухопловни сили за потеклото на авионот и моделот.

Рускиот мајор на Телеграм објави слика од столб црн чад што се издигнува недалеку од неколку згради и улици на градот Јенакиев и рече дека истрагата е во тек.

Краменков соопшти дека го посетил местото на несреќата, но дека во моментов не може да се пристапи до остатоците од авионот.

– Авионот се урна, има чад, гори. Видовме двајца пилоти како се катапултираат со падобрани, изјави рускиот мајор за руската државна телевизија. Според него, никој не е повреден бидејќи авионот се урнал на земјоделска фарма.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ