ОД 12 ОКТОМВРИ КАМЕРИТЕ НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ЌЕ СНИМААТ ПРЕКРШОЦИ И ВО СТРУГА,ОХРИД И РЕГИОНОТ

Системот „Безбеден град“ од 12 октомври треба да започне со функционирање и на подрачјето на СВР Охрид, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по денешната работна посета на полициските структури во регионот.

Тошковски во СВР Охрид и во Регионалниот центар за гранични работи – Запад разговараше со раководните лица за безбедносната состојба, реализираните активности и приоритетите на полицијата во наредниот период.

Во СВР Охрид во тек се последните подготовки на командниот центар преку кој ќе се управува со системот „Безбеден град“. Според најавите, со неговото ставање во употреба системот ќе опфаќа пошироко подрачје, односно Охрид, Струга, Кичево и Дебар.

„Во наредните две недели треба да се завршат преостанатите активности за командниот центар и системот целосно да биде ставен во функција“, изјави Тошковски.

На работната средба во Охрид биле разгледани и повеќе прашања поврзани со полициското работење, меѓу кои борбата против криминалот и корупцијата, спречувањето на нелегалната трговија со дрога, одржувањето на јавниот ред и мир, како и безбедноста во сообраќајот.

Новина е најавеното проширување на соработката со европската агенција ФРОНТЕКС и кон западниот дел од државата. Според Тошковски, досега активностите со ФРОНТЕКС биле насочени кон јужната граница, а во иднина европските тимови треба да бидат вклучени и во контролата на западната граница.

Почетокот на заедничките активности се очекува во почетокот на 2027 година, при што посебен фокус ќе има контролата на границата кон Албанија.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека ваквите активности се дел од процесот на модернизација на полициското работење, подобрување на граничната контрола и зајакнување на капацитетите на безбедносните служби.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ