Во рамки на посетата на владината делегација на Струга и струшкиот регион, акцент беше ставен на економскиот развој, поддршката на локалните компании и подобрувањето на инфраструктурата.
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, заедно со претставници на централните институции, ги посети локалните компании „ING Luli“ и „Metal Inox“, каде што се запознаа со нивните производствени капацитети, дејноста и придонесот во развојот на локалната економија.
За време на посетите беше истакната важноста на приватниот сектор за отворање нови работни места, привлекување инвестиции и зајакнување на економијата. Градоначалникот Ќура нагласи дека развојот на Струга не треба да се потпира само на туризмот, туку и на континуирана поддршка за локалните бизниси.
Во рамки на активностите, беше остварена и средба со жителите на Лабуништа, на која се разговараше за подобрување на водоснабдувањето во селото.
За таа цел, Владата одобри финансиски средства во износ од 25.605.000 денари (околу 416.000 евра) за зафаќање вода од повеќе извори и изградба на доводен цевковод до новиот резервоар за водоснабдување.
Средствата се предвидени за 2026 и 2027 година, со што се создаваат услови Министерството за животна средина и просторно планирање да ја започне постапката за јавна набавка.
Беше нагласено дека следниот чекор е навремено спроведување на потребните процедури и реализација на проектот, со цел жителите на Лабуништа да добијат подобро и посигурно водоснабдување.
Посетата беше во насока на зајакнување на соработката меѓу локалната и централната власт, поддршка на економскиот развој и реализација на инфраструктурни проекти од значење за граѓаните.













