Петок, 27 ноември 2026 петок, 27 ноември Струга 10°C Струга 10°C Пријави вест
Македонија

Од следната недела граѓаните ќе можат преку апликација да проверуваат сообраќајни казни и докази

Објавено: · 1 мин читање
Фото: TV21 - Македонија
Фото: TV21 - Македонија

Проверка на сообраќајните прекршоци директно од мобилен телефон, без потреба од одење во институција, наскоро ќе биде достапна и за македонските граѓани. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека од следната недела ќе можат преку мобилна апликација да проверат дали имаат евидентиран прекршок, каде е направен и да ги видат доказите врз основа на кои е изречена санкцијата.

Апликацијата веќе функционира за странските државјани, а во наредните денови ќе биде овозможен пристап и за домашните корисници. Точниот датум на нејзиното активирање ќе биде дополнително објавен.

Според Тошковски, дигиталната алатка ќе ја олесни комуникацијата на граѓаните со институциите и ќе овозможи полесно информирање за сообраќајните прекршоци и изречените казни.

Покрај новата апликација, министерот најави и проширување на проектот „Безбеден град“ во уште неколку градови низ државата.

Следна на ред е Струмица, каде што системот треба да започне со работа во првата половина на декември. Потоа ќе следува негово воведување во подрачјата на СВР Штип, најдоцна до јануари, и СВР Битола, со цел процесот да биде заокружен до крајот на февруари.

Тошковски оцени дека проектот „Безбеден град“ веќе дава резултати, посочувајќи дека бројот на сообраќајни незгоди со смртни последици е намален за 35 проценти.