Предлог за изменување на Законот за данок на моторни возила е поднесен до Собранието, од страна на независниот пратеник Миле Цеков, со кој се предлага намалување на давачките при увоз на автомобили, информира подносителот на предлогот.
Измените предвидуваат две конкретни мерки – укинување на вредносната компонента, односно таканаречениот данок на луксуз за автомобили со вредност до 20.000 евра, како и укинување на CO₂ давачката за возила со ЕУРО 6 или повисок еколошки стандард.
Според образложението на предлогот, доколку измените бидат усвоени, за автомобил во вредност од 15.000 евра со ЕУРО 6 стандард, наместо досегашните 6.000 до 7.000 евра, увозните давачки би изнесувале околу 2.700 евра.
Предложените измени би се однесувале и на нови и на половни автомобили кои се увезуваат во земјава.
Во образложението се наведува дека Македонија има повисоки увозни давачки во споредба со дел од земјите во регионот. За автомобил од 15.000 евра, давачките во Албанија изнесуваат околу 3.000 евра, во Косово, Србија и Црна Гора околу 3.500 евра, додека во Босна и Херцеговина околу 2.550 евра.
Дополнително, се посочува и на проблеми во царинската постапка, при што, според подносителот, се случува купен автомобил за 15.000 евра да биде проценет на 19.000 евра, а во одредени случаи да не се признава ниту сертификатот ЕУР.1. Тоа, како што се наведува, создава дополнителни трошоци за граѓаните преку царина, данок на луксуз, CO₂ давачка и ДДВ.
Како главна цел на предложените измени се посочуваат намалување на финансиското оптоварување на граѓаните, поголема достапност на понови автомобили и обновување на возниот парк во државата.
Предлог-законот сега треба да помине низ собраниска процедура, по што ќе биде познато дали и во каква форма предложените измени ќе бидат усвоени.




